Институт за фолклор „Марко Цепенков“ - Скопје
Основање (акт, година, основач): Јавната научна установа Институт за фолклор "Марко Цепенков" - Скопје е една од најстарите институции во Република Македонија. Основан е на 06.04.1950 година со Уредба број 1183 на Владата на Република Македонија, по предлог на Министерството за наука и култура на РМ (Сл. весник бр. 11/50), како самостојна научна институција од посебен национален интерес. Тогашното именување е: "Фолклорен институт на РМ".

Во текот на своето постоење и развиток ЈНУ Институт за фолклор претрпел неколку трансформации: Од јуни 1979 година ЈНУ Институт за фолклор е носител на името на најплодниот и познат собирач на македонското фолклорно и етнолошко богатство од минатото - Марко Цепенков, и со тоа именување е регистриран во судот и другите надлежни установи. На 31.12.1996 година, ЈНУ Институт за фолклор "Марко Цепенков"- Скопје од министерството за наука има добиено Решение број 08-4261/1 за исполнетоста на условите за стекнување на својството: Јавна научна установа. Со донесувањето на новиот закон за научноистражувачката дејност, ЈНУ Институт за фолклор "Марко Цепенков" од Скопје работи во согласност со одредбите на овој закон како Јавна научна установа со Статут одобрен од Владата на Република Македонија, број 23-323/9 од 18.02.1997 година, објавен во Службен весник.

Дејноста на Инситутот за фолклор се обавува во неколку Одделенија во кои се проучува духовната и материјалната култура на македонскиот народ и на другите народи што живеат во Република Македонија:
- Народна книжевност, етнологија, етномузикологија, етноорганологија и етнокореологија; народна архитектура; текстилна орнаментика; традиционалните и уметнички занаети и вештини.

Основните активости на ЈНУ Институт за фолклор се одвиваат почнувајќи од теренските истражувања со што континуирано се бележи и се следи состојбата во сите сегменти на духовната и материјалната култура. Материјалите од теренските истражувања, во интерната институтска научно-стручна обработка се подложни на: регистрирање, чување, заштита, обработка и презентирање. Мултидисциплинарниот карактер на истражувањата се: собирањето на производите од народното творештво за време на теренската работа, нивната обработка и публикување е заради афирмирање на културното наследство коешто се постигнува со нивната презентација, односно дистрибуција во форма на објавени монографии и зборници во Македонија и надвор од неа. Резултатите од истражувањата се презентираат, освен во наведената макро форма (со објавување на научно-стручните изданија: монографии и зборници), исто така, и како микро презентации, со учества на меѓународни научни собири. Проучувањето на македонската народна традиција претставува интерес на многумина научници од различни области. Современата состојба на производите од народната култура во Македонија е резултат на влијанијата од разновидни контакти во минатотото и денес.

Почнувајќи од 1968 година ЈНУ Институт за фолклор "Марко Цепенков" од Скопје континуирано го организира меѓународниот Симпозиум за балкански фолклор кој традиционално се одржува секоја втора година во Охрид. Рефератите во целост, со краткото резиме, како и дискусијата, се објавуваат во списанието "Македонски фолклор", орган на Институтот за фолклор "Марко Цепенков" во Скопје.

Дејноста на ЈНУ Институт за фолклор во 2006 година е сообразена со Законот за заштита на духовното културно наследство и се одвива во согласност со препораките на УНЕСКО, инкорпорирани во овој закон.