Архивот на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ располага со мошне богата архивска граѓа со фолклорна и етнолошка содржина. Архивскиот аудио-материјал е снимен на над 4.000 магнетофонски ленти и касети, сместени  во соодветни дрвени кутии, кои пак се чуваат во специјални метални плакари. За секоја снимена аудио-лента постои и соодветна содржинска листа, а во најголем дел материјалот од овие аудио-ленти е и дешифриран, т.е. е преточен во текст отчукан на машина за пишување. Аудио-материјалот, пак, што е од доменот на музичкиот фолклор, покрај тоа што е дешифриран, во добар дел е и мелографиран, односно за вокалните, вокално-инструменталните и инструменталните изведби постои и нотен запис. Фонотечните материјали на Архивот на Институтот за фолклор се заштитени и со законска регулатива (ex-lege).

 Скромниот фонд на видео-материјали од 50-ина видео-ленти се чува на видео-записи, кој во наголем дел за жал е без звучен запис, односно припаѓа на т.н. „неми филмови“. Овие видо-записи воглавно се од доменот на етнокореологијата, односно изведбата на народните ора, а делумно се и од доменот на етнологијата, односно изведбата на одредени обреди, односно обичаи.

 Архивот на Институтот располага и со богата фототека, односно има неколку стотици фотографии, слајдови и развиени филмови со разни снимки од доменот на традиционалната култура кои го одразуваат секојдневниот, но и празничниот живот. На фотографиите, покрај мотиви од традиционалната архитектура и народните носии, можат да се забележат и моменти на изведување на некаков обред или пак на некаква општоселска прослава. Во архивот ма Институтот се чуваат и стотици цртежи во боја, направени на милиметарска хартија, на коишто најпрецизно се доловени мотивите од разните везови, како и од останатите апликации на традиционалната текстилна орнаментика.

 Во депото на Институтот за фолклор, покрај споменативе артефакти од архивската граѓа, се чуваат и делови од традиционалните народни носии (кошули, саи, елеци, ракави, чорапи. марами, сокаи и др.), на кои можат да се забележат и мошне успешни везбени декорации, но и останатите техники на изработката на народните носии (ткаеници, плетила и сл.). Исто така, депото располага и со мошне интересна збирка на макети на обредни лебови изработени од гипс, а има извесен фонд и на предмети изработени од мајсторите-занаетчии кои изработувале предмети и со висок уметнички дострел, како што се некои изработки на копаничарите, кујунџиите, грнчарите итн.

 Институтот располага и со извесен фонд на традиционални музички инструменти кои ги красат витрините сместени во подрумскиот дел. Разните кавали, шупелки, зурли, гајди, ќемениња, тамбури, сазови, канони и другите музички инструменти сместени во витрините на институтот го привлекуваат вниманието не само на етноорганолозите (истражувачите на народните музички инструменти), туку и на останатите посетители на депото на Институтот.

 Благодарение на тригодишниот проект финансиран од Министерството за културана Република Македонија за идентификација и дигитализацијата на архивскиот фонд на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, се очекува добар дел од архивскиот материјал со кој располага Институтот во вид на каталог да биде достапен до научната и пошироката јавност, ако не во целост, тогаш барем содржинските листи со архивскиот материјал, дел од дешифрираниот и мелографираниот материјал, како и материјали од фототеката, аудиотеката (звучните записи) и кинотеката (видео-материјалите).

Developed by Cube Systems