Во рамките на издавачката дејност на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ се вбројуваат неколку специјализирани едиции и една којашто носи наслов „посебни изданија“, а која всушност претставува и најплодна едиција. Имено, во едицијата „посебни изданија“ досега се публикувани 80-ина книги, кои носат наслови со најразлична тематика, додека останатите едиции, како што се: „народни песни“,„народни приказни“, „орска и инструментална традиција“, „фолклорот на иселениците од Македонија“ итн., се со поспецијализирани тематики. Целокупниот фонд на книги публикуван во рамките на издавачката дејност на Институтот, кој брои над 150-ина книги и 30-ина други изданија, може да се проследи преку Каталогот на изданијата на Институтот за фолклор.

 По повод 50 години од формирањето на Институтот,издедна е и „Библиографија на изданијата на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ – Скопје : 1950-2000 (подготвила: Мирјана Анастасова)“, каде што освен податоците за изданијата од формирањето на Институтот до 2000-та година, можат да се добијат податоци и за магистерските трудови и докторските дисертации на научниот кадар вработен во Институтот.

Списание „Македонски фолклор“

 Списанието Македонски фолклор е орган на ЈНУ Институт за фолклор „Марко Цепенков“ и вообичаено излегува еднаш годишно, почнувајќи од 1968 година, а последниот број излезен во 2016 година е 71-ви по ред. Насловите на трудовите публикувани во постарите броеви на „Македонски фолклор“ можат да се проследат во бројот 41 на ова списание, додека содржините на поновите броеви од списанието можат да се проследат и на сајтов. Актуелен уредник на списанието од 2012 година е проф. д-р Катерина Петровска-Кузманова.

Во рамките на издавачката дејност на Институтот посебно место зазема книгата: „Современата состојба на фолклорот во Охридско-струшкиот регион“ (уредник: Боне Величковски), која во 2007 година ја доби наградата „Гоце Делчев“ како општествено признание за особено значајни остварувања од интерес за Република Македонија во областа на науката.

Од останатите публикации во издание на Институтот би ги издвоиле и книгите: „Фолклорот во Куманово и Кумановско“ (уредник: Боривоје Џимревски), која како монографски труд за фолклорот на Кумановскиот крај е во коиздаваштво со Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ од Куманово, како и „Библиографија на фолклорот и етнологијата во Македонија“ (подготвил: Боне Величковски), која претставува најсеопфатен библиографски труд на публикациите со фолклорна и етнолошка содржина во државава.

Од поновите публикации кои не влегуваат во едициите на издавачката дејност на Институтот, ниту пак се вбројуваат во изданијата на списанието „Македонски фолклор“, ќе ги издвоиме и публикациите: „Балканската култура низ призмата на фолклористичко-етнолошките истражувања (Прилози од Меѓународниот симпозиум одржан на 19-20 декември 2014 година во Скопје)“, уредник д-р Катерина Петровска-Кузманова и „Балканскиот фолклор како интеркултурен кодII“ (уредници: Весна Петреска и Јоанна Ренкас), во која се публикувани прилозите од Симпозиумот што се одржа во март 2012 година во Познањ, Полска, во организација на Институтот за славистика при Универзитетот „Адам Мицкјевич“ од Познањ, Полска и Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, во рамките на Договорот за соработка помеѓу двата института.

Developed by Cube Systems