Посебно место во меѓународната соработка на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ во Скопје има Меѓународниот симпозиум за балкански фолклор, кој во рамките на својата програма за работа достојно ги презентира научните достигнувања од областа на фолклористистиката. Меѓународниот симпозиум одржува и развива соработка со балканските и подалечните фолкористичките центри во странство.

 Почнувајќи од 1968 година ЈНУ Институт за фолклор „Марко Цепенков“ од Скопје континуирано го организира Меѓународниот симпозиум за балкански фолклор кој традицонално се одржуваше секоја втора година во Охрид. На Симпозиумот со свои трудови учествуваат истакнати научни работници од странство и од Македонија, а презентираните материјали се објавуваат во списанието „Македонски фолклор“. Во концепцијата на Симпозиумот влегува компаративното проучување на фолклорот и етнологијата на народите од балканските и прибалканските земји. Целта на Симпозиумот е да се добијат што покомплетни истражувања на одделни, помалку проучувани проблеми на фолклористиката, а при тоа да бидат застапени и различни области од фолклорот, аспекти и проблеми од духовната и материјалната култура на балканските народи. Досегашните презентирани теми покажаа дека ваквите научни собири се залагаат за една модерна историја на културата, во рамките на која, секоја национална култура се одликува со традиционални вредности коишто опстојувале и ќе опстојуваат како автохтони културни карактеристики.

 За одбележување на 2008 година како година на македонскиот јазик, пленарна тема на симпозиумот што се одржа таа година беше: „Македонскиот јазик на иселениците од Македонија во европските и прекоукеанските земји“. Со цел да се добијат што позаокружени истражувања на одделни, помалку проучувани проблеми на фолклористиката, а при тоа да бидат застапени и различни области од фолклорот, аспекти и проблеми од духовната и материјалната култура, втора тема на 17-от Меѓународниот симпозиум за балкански фолклор (Програма), што се одржа 0д 6-ти до 10-ти октомври 2008 година беше: „Фолклорот и заедничките културни вредности на Балканот“.

 18-от Меѓународен симпозиум за балкански фолклор (Програма) се одржа по пауза од седум години, и тоа на 20-ти и 21-ви ноември 2015 година во хотелот „Континентал“ во Скопје. Тема на симпозиумот беше: „Теорија и емпирија - институционализирана фолклористика и етнологија во Македонија и на Балканот“, ана него беа пријавени над 50-ина учесници од земјава и странство. Презентираните реферати од симпозиумот се објавени во списанието на Институтот за фолклор - „Македонски фолклор“ бр. 71.

 Со оглед на фактот што надлежното Министерство за образование и наука немаше доволно слух за финансирање на еден прилично гломазен меѓународен научен симпозиум, каков што беше Меѓународниот симпозиум за балкански фолклор до 2008 година, Институтот за фолклор се обиде да организира еден сличен научен собир, но со помал број на учесници. Затоа, Советот на Институтот донесе Одлука за организирање на Меѓународен научен собир на тема: „Балканската култура низ призмата на фолклористичко-етнолошките истражувања“ (Програма), а симпозиумот беше успешно организиран на 19-ти и 20-ти декември 2014 година во Скопје, во хотелот „Континентал“. На симпозиумот учество зедоа 40-ина учесници од земјава и странство, а материјалите од научниот собир беа публикувани во истоимената книга како и темата на симпозиумот - „Балканската култура низ призмата на фолклористичко-етнолошките истражувања“.

 За 2016 година Советот на Институтот донесе Одлука за организирање на уште еден меѓународен научен собир во вид на округла маса, на тема: „Традиција и современост во Македонија и Србија“. На округлата маса, освен научните работници од Институтот за фолклор,  учество ќе земат и колеги од Етнографскиот институт при САНУ, како активност во рамките на Договорот за соработка што го потпишаа двете институции.

Developed by Cube Systems