Проект: Меморија и Екокосмос
Проектот „Меморија и екокосмос“ e национален проект финансиран од Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија за периодот 3. 11. 2022 – 30.10. 2023 година.
Во проектот „Меморија и екокосмос“ учесниците низ своите активности ќе го истражуваат клучното прашање што се однесува на соверменитето, а е фокусирано на животот на човекот во својата природна околина и неговиот однос кон биолошкиот диверзитет. Во рамките на проектот по пат на теренски и научни истражувања на народната култура се разгледуваат релациите меѓу човекот и екокосмосот. Проектот се базира на методолошкитe погледи кои произлегуваат од етноботаника, биосфера, културна анималистика како домени кои се однесуваат на воспоставување на хармонијата помеѓу човекот и неговата природна околина. Еден од начините на истражување ќе биде и длабинската екологија, која претставува форма на радикална еколошка критика насочена кон техничката цивилизација со тоа што се критикуваат нејзините темелни вредности, почнувајќи од технолатријата (религиозно обожавање на техниката), антропоцентризмот (убедување дека само луѓето имаат вредност, односно се во својство на свесни субјекти, а се друго во својство на објекти кои му се потчинети на човекот), линеарниот прогресивизам (убедување во постоењето на историско – социалниот напредок) и др.
Предложените теми од проектот се однесуваат на основните принципи на екопоетиката, екокритиката, екопсихологијата, екофеноменологијата, екомеланхолија и сл., како и кон надминување на одредени трансхуманистички ориентирани студии (од типот на некои химерички утописки, трансгенетски поимања на човечноста). Концептот на проектот опфаќа повеќе различни сфери на биодиверзитетот, а секој истражувач учесник се осврнува на одреден сегмет, како дел од меморијата и екокосмосот. Учесниците во проектот „Меморија и екокосмос“ со примената на мултуидисциплинарен пристап кон проблематиката ќе се обидат да дојдат до соодветни одговори на поставените прашања со кои се отвора простор за онтолошки пресврт во фолклористиката при истражувањето на односот човек природа. Толкувањето на податоците во рамките на проектот ќе се одвива преку анализа на емпирискиот материјал добиен од теренските и архивските истражувања со примената на најновите теориски сознанија од оваа област, односно ќе бидат толкувани преку етно/еко културната перспектива. Двата концепти – на народната мудрост и на хронотопот во рамките на проектот треба да бидат подетално и подлабоко истражени бидејќи се актуелни во светски рамки, а македонската фолклористика треба да покаже дека поседува илустративен материјал кој би можел да се пласира и на светската фолклорна и книжевна сцена и тоа токму низ призма на овие два концепти.
Целта на овој дел од проектот е да покаже дека применетиот фолклор има свој придонес кон подобрување на квалитетот на животот преку идентификација и конзервација на фолклорните добра кои во преден план го стават односот помеѓу човекот и природата односно природата и културата. Истражувањата конципирани на овој начин ќе претставуваат основа на едно фундаментално, за прв пат иницирано истражување во доменот на македонската фолклористика.
Раководител на проектот е д-р Катерина Петровска –Кузманова;
Учесници во проектот се: д-р Ермис Лафазановски, д-р Изаим Муртезани, д-р Лидија Стојановиќ-Лафазановска, д-р Кристина Димовска, м-р Лени Фрчковска, и м-р Анџела Грубер.Проектот „Меморија и екокосмос“ e национален проект финансиран од Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија за периодот 3. 11. 2022 – 30.10. 2023 година.