„Распукала Шар Планина“ – од љубовна песна до песна на конфликт
Велика Стојкова-Серафимовска
Клучни зборови:
народна песна, миграција, етнички идентитети, контекст, конфликт, афект, „мека моќ“
Апстракт:
Овој труд го следи патот на една македонска лирска песна, која патува низ музичките простори на: Македонија, Србија и Бугарија, создавајќи различни контексти на прифаќање и на присвојување често поврзани со етничките и со националните идентитети. Песната „Распукала Шар Планина“ и нејзините различни верзии присутни во регионот имаат лирска содржина, која ја истакнува љубовта на мајката кон нејзините синови. Иако потекнува од шарпланинскиот регион, поточно од Горни Полог, Тетовско, оваа песна мигрирала во соседните земји и стекнала различен идентитет, често предизвикувајќи различни интерпретации на нејзиното значење. По вооружениот конфликт во Македонија во 2001 година меѓу етничките Македонци и етничките Албанци, песната доби поинаков контекст, кој, во 2015 година, предизвика дури и физички конфликт меѓу македонските и албанските граѓани. Истражувањето на овој случај открива различни процеси на природна миграција на песната во минатото, кога немало граници, до денешнината кога политичките граници создаваат интензивно чувство на „мое“ спротивставено на „твое“, но и процеси, каде што користењето на песната во контекст на означување на идентитетот провоцира насилен контекст на етикетирање на песната како воена песна или како песна на конфликт. Користејќи ја методологијата на набљудување, но и учество во различни контекстуални изведби на оваа песна, ќе се обидам да го опишам нејзиниот пат од лирски, љубовен контекст, до песна што се перципира како провокација меѓу различни етнички групи и поединци. Обидувајќи се да се задржи објективниот пристап, може да се забележи дека политиките на градење идентитети во различни ситуации можат да етикетираат една народна песна во крајно спротивставен контекст, но и да ги сменат контекстите – од песна што разделува, во песна што обединува.
