Отпорот кон патријархалниот морал и кон догмите на етичкиот императив – претпочитан стил на родово-идентитетско поведение (преку делата Крпен живот, Толе Паша, Калеш Анѓа и Дилбер Стана од Стале Попов)
Биљана Рајчинова-Николова
Клучни зборови:
отпор, идентитет, патријархат, патријархален морал, етички императив
Апстракт:
Стале Попов како писател регионалист во македонската литература ce јавува во половината на 20 век. Неговата „стварносна проза“1 го опишува битот на македонскиот народ во чиј склоп е и описот на раѓањето на националната самосвест кон крајот на 19 век и полната свест за сопствениот идентитет и дава можност за увид во она што било присутно на просторите на Македонија во 19 век (во мариовскиот крај), кое може да се именува како родово-идентитетско поведение – отпор кон патријархалниот морал и кон догмите на етичкиот императив. Во истражувањето се поаѓа од тврдењето на Шелева дека „идентитетот не може да се продаде или загуби, оти тој не е предмет туку е комплексен процес на интеракција, не е материја туку е енергија на проектуален развој и себетрансформација – кој како егзистенцијален крик се самопотврдува преку своевиден отпор кон патријархалниот морал и кон догмите на етичкиот императив, манифестирајќи се како родов синдром на жртва, согорување, нескршливост“ (Шелева 2020: 114). Оттука, сакаме да испитаме дали отпорот како идентитетско поведение е насочен кон ослободување на родовиот идентитет од патријархалниот морал и од догмите на етичкиот императив, а со тоа да се испитаат и последиците и ефектите од таквиот отпор во контекст на релацијата идентитет – патријархален морал – догма на етичкиот императив. Истражувањето треба да одговори на прашањето: Каде понатаму со мене?, и да ја потврди тезата дека родовото идентитетско поведение – отпорот кон патријархалниот морал и кон догмите на етичкиот императив во еден социокултурен контекст се дефинира како нова почетна позиција, која може да се именува како идеологија на отфрлање на ропската психологија, со што се наметнува нова идеолошка доминанта – самоослободување, самоодбрана, самопотврдување и самоопределување на родовиот идентитет. За одговор на прашањето и за испитувањето на тезата се применува компаративна анализа на делата Крпен живот (1953/1954), Толе Паша (1956), Калеш Анѓа (1958) и Дилбер Стана (1958) од Стале Попов, користејќи ги сознанијата од имагологијата, постколонијалната теорија и студиите за идентитетот.
