МЕЃУНАРОДНА НАУЧНА КОНФЕРЕНЦИЈА „ЕКОАНТРОПОЛОГИЈА: ПОМЕЃУ ЧОВЕКОТ И ОКОЛИНАТА“

             На 30.05.–01.06. во Скопје во „Јавна соба“ се одржа хибридната Меѓународна научна конференција „Екоантропологија: помеѓу човекот и околината во организација на ЈНУ Институт за фолклор „Марко Цепенков“ – Скопје. Конференцијата претставува надоврзување и надополнување на  истражувачките согледби во проектот „Меморија и екокосмос“, финансиски поддржан од Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија (со Одлука за финансирање на научноистражувачки проекти бр. 12-15533/2 од 03.11.2021 г.). Успешното одржување на конференцијата се изведе благодарение на соработката со проф. д-р Горан Ѓурѓевиќ од Колеџ Беиваи на Универзитетот за странски студии во Пекинг (Кина) и проф. д-р Сузана Марјаниќ од Институтот за етнологија и фолклористика (Загреб).

             Конференцијата беше поделена на осум сесии (онлајн и со физичко присуство) и две клучни обраќања/ предавања – на проф. д-р Бојан Баскар од Универзитетот во Љубљана (Словенија) и на проф. д-р Мартина Топиќ од Универзитетот Лидс Бекет (Обединето кралство).

             Покрај клучните предавачи, на конференцијата зедоа учество и истражувачи, научници, интелектуалци и професори од Република Северна Македонија (од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип, Институтот за македонска литература, ЈНУ Институт за старословенска култура – Прилеп, „Гете“-институт и ЈНУ Институт за фолклор „Марко Цепенков“–Скопје), но и од Србија, Хрватска, Полска и Кина. Работни јазици на конференцијата беа македонски, англиски, хрватски, босански и српски јазик.

             Целите на меѓународната научна конференција беа во насока на тоа да се испитаат современите предизвици во областа на науката, но и практиката (справувањето со глобалното затоплување, веганизмот како еколошка стратегија, зачувувањето на природата од нестратешките човекови дејства), со што ќе се постават темелите за понатамошни научни истражувања на оваа исклучително битна тема.

             Во Книгата на апстракти е вклучен детален преглед на засегнатите теми.