Космогонискиот карактер на антропоморфните мотиви со женски обележја во македонската традиционална текстилна орнаментика
Јасминка Ристовска Пиличкова
Клучни зборови:
орнаментика, космогониски наративи, родилки, жена-родилка-билка
Апстракт:
Во посочениот труд ќе бидат анализирани примери од македонската традиционална текстилна орнаментика, во кои, како доминантни се јавуваат антропоморфните мотиви со женски обележја, прикажани во родилна поза, т.н. родилки или пак во типот „Potnia theron“. Двете групи содржат низа варијанти и модификации, како дел од посложени композициски целини, кои ѝ припаѓаат на везбената орнаментика на: невестинските, обредно-празничните, венчалните кошули, поврзани со идејата на плодност и благосостојба, со нагласени апотропејски елементи. Нивната редуцирана појава, ограничена само на одредени облековни форми карактеристични за женската обредно-празнична носија, упатува на заклучокот дека во неа се содржани низа семантички елементи и архетипски кодови поврзани со семиотичките и со иконографските наративи препознаени во постарите модели на т.н. „големи мајки“, во културите што се развивале на поширокиот медитерански басен во подолог временски период, започнувајќи од периодот на неолитот и подоцна. Имајќи го предвид обредноапотропејскиот карактер на празничната, невестинската носија од Македонија, во чија орнаментика се јавува претставата на „големата мајка родилка“ и владетелка на сиот свет, сметаме дека нејзиниот лик во целост кореспондира со основната биолошка функција на жената, а тоа е моќта и способноста да раѓа, изразувајќи ја воедно позицијата и улогата на древните архетипски „божици мајки“, која ја имале тие во колективната меморија на Македонците
