За симболиката на некои мотиви на албанската женска народна носија во с. Горно Јаболчиште – Велешко

Изаим Муртезани

Клучни зборови:

Големата Мајка, Сонце, хиерогамија, мит, ритуал, оплодување, невеста, магија, зли очи

Апстракт:

Народната женска носија во Република Северна Македонија е мошне разновидна и истовремено е многу богата во однос на орнаментиката што ја поседува во својата внатрешна структура. Во овој контекст и народната женска носија преку која се идентификува албанското население во с. Горно Јаболчиште се издвојува со низа орнаментални мотиви, кои ја одразуваат митската логика или митската свест на човекот од овој крај. Од овие разновидни мотиви се издвојуваат тие со фитоморфна содржина преку кои непосредно или посредно може да се забележи ликот на таканаречената Magna Mater, односно ликот на Големата Мајка, која во медитеранскиот басен, но и пошироко, се смета како исконско божество од кое се родени сите суштества, растенијата и другите нешта во светот. Подоцна, ова божество се идентификува само со земјата во целина или со почвата од која се никнати растенијата итн. Ликот на ова божество низ времето претрпел различни трансформации и модификации, и во содржината на женската носија од овој крај е претставен преку иконографијата на некое конкретно цвеќе во чија содржина може да се забележи главата, рацете и отворените нозе во положба на раѓање. Освен овие фитоморфни мотиви можат да се забележат и други мотиви, особено тие од соларна природа кои се мошне фреквентни во невестинската носија во која доминира жолтата боја, а жолтата се подразбира како боја преку која се идентификува Сонцето. Се издвојуваат и други мотиви, како што се: зооморфните, антропоморфните итн.

Published: 11/2025

Изаим Муртезани