Текстилното творештво на Крсте Колоски

Јана Манева-Чупоска

Клучни зборови:

Крсте Колоски, текстилно творештво, дизајн на текстил, килими, културно наследство

Апстракт:

Предмет на проучување на овој научен труд е текстилното творештво на Крстe Рафев Колоски (1922 – 1987). Колоски потекнува од родот на славното мијачко зографско семејство Колоски од Лазарополе. Пред војната бил прочуен зограф, но по политичките промени што настануваат по Втората светска војна е принуден да го остави својот зографски занает. Во 1946 година се вработува како дизајнер во килимарницата во селската задруга „Кочо Рацин“ во Лазарополе. Колоски бил самоук. Истражувајќи го неговиот опус, се забележува неговото разновидно творештво, започнувајќи првенствено со зографскиот занает, па сѐ до неговите сликарски и дизајнерски афинитети, како и неговата работа како фотограф. Крсте Рафев Колоски има интересна биографија, парадигматична за периодот во кој живее. Во трудот ќе се даде опис на селото Лазарополе, по војната во 1945 година, кога била основана задругата „Кочо Рацин“, која била прва селска работна задруга во НР Македонија. Покрај останатите дејности на задругата, постоеле и фарбарница и погон за текстил во кој се произведувале ќебиња, јамболлии, бунди, штофови, палта, панталони, фустани, здолништа, персиски и т.н. „пиротски“ килими, како и други текстилни производи. Многу биле популарни персиските килими, па во килимарницата во Лазарополе доаѓале да учат ткаење килими. Крсте Рафев Колоски бил главниот дизајнер и по негови нацрти се изработувале различни видови килими. Во последната фаза од истражувањето се анализираат неколку негови мостри за килими и ткаењето килими како нематеријална култура и културно наследство. Колоски изработувал стотици мостри за килими, кои биле богато украсени со орнаменти од македонскиот фолклор, меѓу кои и мостри за килими портрети со ликовите на тогашните државни раководители: Јосип Броз-Тито, Лазар Колишевски, Борис Кидрич; килими со грбовите на сите југословенски републики, вклучително и грбот на СФРЈ; килими со мотиви од: „Стадата на Бистра“, „Кавалџии“, „Тешкото“.

Published: 11/2025

Јана Манева-Чупоска