Алгоритамска интертекстуалност за класификација на варијанти на народни песни и пронаоѓање споделени текстуални формули

Огнен Спироски

Клучни зборови:

интертекстуалност, формули, варијанти на песни, класификација, фамилиja песни, детекција на плагијаризам во програмски код

Апстракт:

Во овој труд е претставена успешна примена на алгоритми за наоѓање на ист програмски код (текст) во колекција изворни кодови, за препознавање на делници со ист текст во македонски народни песни, нивно пронаоѓање и кластерирање по сличност и класификација на текстуални варијанти на песни. Ова е прв пример во литературата за алгоритамска интертекстуалност во народна поезија, фолклористика и етномузикологија, на истражување на варијанти на песни и текстуални формули, со методи развиени за детекција нa плагијаризам во софтвер. Во трудот има преглед на литературата и на истражувањата, поврзани со интертекстуалност и варијанти кај народни песни, кои вродиле нови класификаторски модели и теории во науката, а и голем број публикации што содржат варијанти на песни. Алгоритамската интертекстуалност овозможува нови дигитални анализи на големи корпуси песни, варијанти и формули. Се анализираат два корпуси песни со софтверската алатка JPlag v5.1. Првиот корпус содржи 51 текстуална варијанта од 6 фамилии песни, кои се веќе изучувани, а алгоритмите ги кластерираат соодветно на фамилиите. Вториот корпус е голема, но некурирана колекција на 1.467 текстови песни од веб-страницата www.pesna.org. Алгоритмите во него пронаоѓаат и групираат варијанти на песни, а и многу споделени текстуални формули, кои нудат и интересни увиди во интертекстуалноста и во формулаичната природа на народната поезија.

Published: 11/2025

Огнен Спироски