(по повод 130-годишнината од Македонско-словенскиот зборник)
Еден значаен јубилеј за македонската етнографија: тркалезната маса „Петар Драганов – славист и македонист“
Билјана Ристовска-Јосифовска
ЈНУ Институт за фолклор „Марко Цепенков“ – Скопје
https://orcid.org/0000-0002-7533-5150
Апстракт:
Историскиот напредок на поединецот и на народите е условен од динамиката на движењето на луѓето, знаењата и идеите. И размената или преносот на знаење, од аспект на различноста на содржината и на влијанието, е важна движечка сила во историските процеси. Балканот отсекогаш бил арена на движења, промени, допири на различни култури и размена на добра, а Македонија била една од заедничките точки на балканските патишта на економските, културните и научните движења. Истражувањето на настани, пишани дела и личности (научници, писатели, преведувачи итн.), поврзани со размената на знаења и со развитокот на академските култури, беше тема на меѓународниот проект “Knowledge Exchange and Academic Cultures in the Humanities: Europe and the Black Sea Region, late 18th – 21st Centuries” (Размената на знаења и академските култури во областа на хуманистиката. Европа и Црноморскиот регион 18‒21 век).
Важен фокус на нашето истражување, во рамките на проектот, беа образовните и интелектуалните аспекти, контактите во науката, во образованието и слично, како и размената на знаења преку комуникација и економска активност, дистрибуцијата на занаетчиски производи во меѓународната трговија и позицијата на трговците и на занаетчиите.
