Историски, етнолошки и фолклористички перспективи во истражувањата на Ромите во Европа и во Македонија
Даниел Петровски
ЈНУ Институт за фолклор „Марко Цепенков“ – Скопје
https://orcid.org/0009-0008-6682-2345
Клучни зборови:
Роми, методи на истражување, јужнословенски простор, културна перцепција, инсајдер и аутсајдер
Апстракт:
Истражувањето на Ромите и нивниот идентитет претставува сложен процес, условен од историските, политичките и културните контексти, во кои се пишувале научните трудови. Историски, Ромите биле согледувани како „чуден народ“, што резултирало со стереотипизација и маргинализација, а терминологијата, особено зборот „Циган/и“, носела негативни конотации и влијаела врз општествените и научните перцепции. Од административните белешки во периодот од XV до XIX век, до првите лингвистички истражувања во Европа, Ромите често биле третирани како предмет на контрола, а не како автономна културна заедница. Лингвистичките студии од XVIII век, особено трудовите на Јохан Кристоф Рудигер и на Хајнрих Грелман, покажале индиско потекло на Ромите, но ја занемариле комплексната културна и социјална реалност.
Во јужнословенскиот простор, етнолозите и фолклористите, во почетокот на XX век, собирале материјали за ромската култура „однадвор“, со ограничена анализа на внатрешната перспектива на заедницата. Истражувачите, како што се: Тихомир Ѓорѓевиќ, Раде Ухлик и други, ја документирале музиката, јазикот и обичаите на Ромите, но често низ етноцентрични или дескриптивни парадигми на „другоста“. Современата ромологија, со интердисциплинарни пристапи и со појавата на ромски истражувачи, како што се: Рајко Ѓуриќ и Трајко Петровски, ги интегрира надворешната и внатрешната перспектива, признавајќи го ромскиот идентитет како динамичен, комплексен и со културна вредност.
Трудот дава систематски преглед на историските и на современите пристапи кон проучувањето на Ромите и на нивниот идентитет, со акцент на етнолошкиот и на фолклористичкиот контекст. Преку анализа на европските и на југословенските истражувачи, како и на современите ромолози, се покажува како научната методологија влијаела врз конструирањето на сликата за Ромите, од стереотипизирани претстави кон критички, еманципаторски и интегративни перспективи.
