Од занает до индустрија – креирање идеолошки и визуелен код преку македонската текстилна орнаментика во НР Македонија (1945 – 1958)
Јана Манева-Чупоска
ЈНУ Институт за фолклор „Марко Цепенков“ – Скопје
https://orcid.org/0009-0003-7624-0406
Клучни зборови:
занaет, индустријализација, државни претпријатија, идеолошки, визуелен код
Апстракт:
Во трудот се анализира институционализацијата на македонската текстилна орнаментика по Втората светска војна преку примерот на формирање државни претпријатија и стручни совети, како што се: „Државниот совет за занаети и художествени практики“ и претпријатието „Македонски фолклор“ од Скопје. Истражувањето ја разгледува динамиката меѓу традиционалниот занает и социјалистичката индустријализација, со посебен акцент на начинот на кој народниот вез и килимарството биле: селектирани, кодифицирани и репродуцирани во државен национален систем. Македонската текстилна орнаментика претставува еден од најконтинуираните и најкомплексните сегменти на традиционалната материјална култура. По 1945 година, во услови на нова државна и идеолошка рамка, таа влегува во процес на институционална трансформација. Основната цел на овој труд е да се покаже како традиционалниот занает – преку државни механизми – бил пренасочен од рурално-семејна практика кон организирано, контролирано производен систем со културна и со репрезентативна функција. Методолошки, трудот се потпира на: анализа на архивски правни документи; компаративна историско-културна анализа; визуелно-морфолошка анализа на текстилната орнаментика; и периодизација од традиционален занает до социјалистичка индустрија. До средината на XX век, текстилното производство во Македонија се одвива обично во рамките на домашното стопанство. Ткаењето и везењето биле дел од секојдневието, а орнаментот функционирал како симболички јазик со регионални и со ритуални значења. Во периодот по 1945 година во НР Македонија започнува процес на забрзана индустријализација. Според економските анализи на развојот на текстилниот сектор, државата ја третира текстилната индустрија како приоритетна гранка за вработување и за модернизација. Овој процес создава јасна поделба меѓу индустрискиот текстил (сериско, функционално производство) и рачно изработениот текстил (зачувување и репрезентација на традицијата).
