Традиционални обредни форми, верувања и магиски дејствија поврзани со ткаењето

Јасминка Ристовска Пиличкова
ЈНУ Институт за фолклор „Марко Цепенков“ – Скопје
https://orcid.org/0009-0002-0603-3885

Клучни зборови:

ткаење, обредни форми, верувања, магиски дејствија, свадбени и погребни ритуали

Апстракт:

Во изработката и естетското оформување на македонските народните носии и на другите текстилни изработки, централното место ѝ припаѓало на жената, која била задолжена за целокупната активност, поврзана со нивната изработка. Сферата на женската култура, во која спаѓаат и сите дејствија, поврзани со подготовката и со изработката на текстилот, претставувало цикличен пренос на знаења, обврски и морални поведенија, каде што во целиот процес учествувало комплетното женско население од најмала возраст, па сѐ до поодминати години. Во македонското традиционално општество обредните и ритуалните дејствија, поврзани со подготовката на текстилните суровини и техничко-технолошки процеси поврзани со изработката на ткаениците, слично како и на оние што се поврзани со везбената дејност, им припаѓала исклучиво на женските членови од заедницата – позиција, која довела до тоа тие да се носители и пренесувачи не само на техничко-технолошките вештини на нивната изработка, туку и на магиските дејствија и обредности, поврзани со нив. Тие не биле носители само на овие вештини, туку биле и регулатори на семејните, на календарските и на аграрно-сточарските активности. Поради своето исклучително значење, ткаењето, како и процесите штому претходеле (подготовката за предење, сновање и заткајувањето на платното) во македонската традиционална култура биле проследени со низа обредни дејствија и верувања. Како посебна целина во овој корпус на верувања и обичаи поврзани со низа обредни практики, има чинот на предење. Во корпусот на обредни форми, верувања и магиски дејствија во македонската народна култура спаѓаат и обичаите за употреба на килимот, поврзани со раѓањето, но и со свадбените и погребните ритуали. Врз основа на посочените и на други аналогни обичаи и обреди, поврзани со подготовката и со изработката на текстилот, можат да се согледаат низа архаични елементи и обредни постапки, кои се надоврзуваат на слични на нив, евидентирани во поширокиот словенски ареал. Во нивната основа се зачувани траги на многу постари обреди, обичаи и верувања, втемелени во основата на архаичните култури што егзистирале во поширокиот индоевропски ареал.

Јасминка Ристовска Пиличкова