Базилискот и змијата-чуваркуќа историска и еко-антрополошка перспектива за митолошката трансформација и биокултурното наследство
Лидија Стојановиќ
ЈНУ Институт за фолклор „Марко Цепенков“ – Скопје,
Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје
https://orcid.org/0000-0002-4357-9513
Клучни зборови:
базилиск, змија-чуваркуќа, еко-антропологија, онтолошки плурализам, македонски фолклор
Апстракт:
Истражувањето се темели на фолклористичка, етимолошка анализа, средновековни текстови, библиски преводи, визуелни извори и етнографски материјали, со цел да одговори на две прашања: 1. Зошто базилискот, широко познат во западноевропската, грчката и руската традиција, отсуствува од македонската традиционална култура во која фигурира змијата која добива симболизам на змија-чуваркуќа; и 2. Како овие симболи можат да се интерпретираат од еко-антрополошка перспектива. Трудот ја реинтерпретира врската меѓу базилискот и змијата-чуваркуќа преку теориските перспективи на еко-антропологијата и онтолошкиот плурализам. Наместо базилискот да се разгледува како универзален митолошки модел, се покажува дека неговото симболичко значење историски се обликувало во рамките на различни религиски онтологии. Посебно внимание е посветено на историската трансформација на базилискот од змија во хибридно суштество со одлики на петел и змија, како и на неговата амбивалентна симболика поврзана со смртта, заштитата, богатството и натприродната моќ. Наспроти ова, трудот покажува дека македонскиот фолклор зачувал поинаква еколошка онтологија, во која змијата никогаш не е сведена исклучиво како симбол на злото, туку останува автономен нечовечки чинител и заштитник на домот. Како традиционален весник на пролетта, змијата-чуваркуќа ја олицетворува заемната поврзаност меѓу човекот и повеќе-од-човечкиот свет, одразувајќи биокултурен систем заснован врз соживот, а не врз доминација. Од оваа перспектива, таа не се толкува како замена за базилискот, туку како автохтон израз на релациски светоглед во кој светите животни учествуваат во одржувањето на еколошката и општествената рамнотежа. Трудот придонесува кон современите дебати во екоантропологијата, покажувајќи дека традицискиот фолклор зачувал алтернативни еколошки онтологии кои ги преиспитуваат антропоцентричните и демонолошките толкувања на односот меѓу човекот и природата.
