Ќемане (виолина или гусла) – ист назив, две различни значења

Александра Кузман
ЈНУ Институт за фолклор „Марко Цепенков“ – Скопје,
Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје

https://orcid.org/0009-0005-0938-0884

Клучни зборови:

гудачки музички инструменти, виолина, гусла, ќемане, македонска традиционална музика

Апстракт:

Терминот ќемане, кемане или ќемене се среќава во контекст на македонската традиционална музика, но со две различни значења: едното се однесува на македонската гусла што претставува трижичен изворен музички инструмент, кој е распространет во шопскиот предел на Североисточна Македонија во подрачјата на Кумановско, Кривопаланечко, Кратовско, Штипско, Кочанско и Делчевско; а другото се однесува на европскиот четирижичен музички инструмент виолина, најчесто застапен во најразличните градски музички состави, ансамбли, оркестри. Во однос на гуслата, на територијата на Македонија се преферира називот ќемане кој потекнува од персиската традиционална култура, од каде што најверојатно во минатото било пренесено во Македонија, а не гусла, бидејќи гуслата звучно и визуелно потсетува на едножичената, српска, црногорска или босанско-херцеговска гусла, која по многу нешта се разликува од ќемането во Македонија. Виолината, пак, како инструмент го стекнала називот ќемане, пред сè од страна на чалгаџиите, во текот на 19 век, во периодот на оформување на градскиот начин на живеење и развојот на османлиските урбани средини, во кои доминантна улога имала чалгијата како ориентално профилиран музички состав. Целта на овој труд е да се направи дистинкција меѓу овие два жичени гудачки инструмента, чијшто звук се добива со повлекување на гудалото (кај виолината) и трљачката (кај ќемането) по жиците, коишто делат заеднички назив – ќемане.

Александра Кузман