Обредната улога полазеник во македонската традициска култура
Зоранчо Малинов
ЈНУ Институт за фолклор „Марко Цепенков“ – Скопје,
Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје
https://orcid.org/0009-0004-0263-9657
Клучни зборови:
полазеник, празник, Божик, обичаи, благослови
Апстракт:
Во многу традициски култури, личноста која прва ќе посети некоја куќа на некој од празниците во периодот на заминувањето на старата и доаѓањето на новата година се смета дека има посебна обредна улога. Вообичаено, тоа е некоја случајна личност што прва ќе влезе во куќата, но, во некои случаи тоа може да биде и однапред повикан гостин со позитивни карактеристики, бидејќи постои верување, дека каква личност, на одреден празник, прва ќе влезе во куќата ‒ таква среќа ќе го следи домаќинството и во текот на целата година. Оваа обредна улога особено е регистрирана кај словенските народи и се среќава под разни имиња: полаженик, полажајник, подлазник, полазник и сл. Кај Македонците се среќава како: полазеник, полезник, полазувач, полазајник, пулазач и сл. Во разни краеви на Македонија овој обичај најчесто се правел на празниците: Св. Варвара, Св. Ана, Св. Игнат и Божик. Од публикуваните записи од крајот на 19 век и првите децении од 20 век, меѓу другото, дознаваме и за обредниот фолклор, односно за благословите што ги кажувал полазеникот при посетата на домот. Освен од етнолошкофолклористички аспект, поимите: полазеник, полазување, полаз и сл., се разгледувани и од лингвистички и од лексикографски аспект
