Ромите во македонската лексикографија: од фолклорни претстави до институционализирано знаење

Даниел Петровски
ЈНУ Институт за фолклор „Марко Цепенков“ – Скопје,
Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје
https://orcid.org/0009-0008-6682-2345

Клучни зборови:

Роми, Цигани, лексикографија, толкување, стереотипи, контекстуализација

Апстракт:

Трудот го анализира начинот на кој се претставени Ромите во македонската лексикографија, со фокус на начинот на кој етнонимите и лексемите поврзани со ромската заедница се дефинираат, толкуваат и контекстуализираат во различни типови лексикографски изданија од 1961 година до денес. Истражувањето опфаќа девет печатени лексикографски изданија и два дигитални речника, како и релевантни енциклопедиски и специјализирани речници. Методолошки, трудот се темели на компаративна и семантичка анализа на дефинициите, дериватите, квалификаторите и илустративните примери, со цел да се утврдат промените во начинот на кој се претставени Ромите низ различни историски и институционални контексти. Теоретската рамка ги интегрира: критичката анализа на дискурсот, социологијата на знаењето, концептот на симболичка моќ и современите принципи на корпусната лексикографија. Анализата покажува дека во постарите речници етнонимот „Циган“ и неговите деривати често се поврзуваат со негативни семантички значења и стереотипни претстави, преземени од народната традиција и секојдневниот говор. Во поновите изданија се забележува постепен премин кон нивно прагматичко и етичко контекстуализирање преку квалификатори како „пејоративно“ и „предрасуда“, без нивно целосно отстранување од речничкиот фонд. Дополнително, трудот покажува дека слични начини на претставување се присутни и во енциклопедиските, етнографските и образовните изданија, како и во современиот дигитален простор, што укажува на континуитет во циркулацијата на стереотипните значења. Се заклучува дека македонската лексикографија не претставува примарен создавач на стереотипи, туку институционален медиум што ги документира, систематизира и во одредени случаи ги легитимира општествено воспоставените претстави. Истражувањето ја нагласува потребата од современ лексикографски пристап кој ќе ја зачува документарната функција на речниците, но истовремено ќе обезбеди јасна прагматичка и етичка контекстуализација на социјално чувствителните лексеми.

Даниел Петровски