Визуелниот јазик на цртежите на Марко Цепенков – меѓу етнографскиот запис и уметничката интерпретација

Јана Манева-Чупоска
ЈНУ Институт за фолклор „Марко Цепенков“ – Скопје,
Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје

https://orcid.org/0009-0003-7624-0406

Клучни зборови:

цртеж, фолклористички аспекти, етнографски документ, уметничка интерпретација

Апстракт:

Цртежите на Марко Цепенков претставуваат редок и значаен пример на визуелна практика која истовремено функционира како етнографски документ и како автономен уметнички израз. Овој труд ги разгледува нивните ликовни и визуелни вредности во контекст на македонската етнографија, фолклористика и уметност, со фокус на специфичниот однос меѓу набљудувањето, меморијата и визуелната трансформација. Преку анализа на линијата, композицијата и третманот на формата, се истражува начинот на кој Цепенков гради визуелен јазик што ги надминува чисто описните функции. Неговите цртежи не се само илустрации на народниот живот, туку интерпретативни структури што го отсликуваат културниот и социјалниот контекст. Во нив се препознава спојот на непосредно искуство и селективна редукција при што деталите добиваат симболичка тежина. Посебен акцент се става на цртежот како форма на визуелно знаење кое овозможува поинакво читање на традицијата – не како статичен архив, туку како динамичен систем на значења и релации. Во таа перспектива, цртежите на Цепенков се разгледуваат како активни носители на културни наративи, кои ги премостуваат границите меѓу фолклористиката, документарното и уметничкото. На тој начин, тие се позиционираат како релевантен придонес кон разбирањето на развојот на визуелната култура, но првенствено кон етнографските и фолклористичките аспекти на македонското културно наследство.

Јана Манева-Чупоска