Прва научна работнилница во проектот „Меморија и екокосмос“
(од десно нагоре: проф. д-р Лидија Стојановиќ Лафазановска, м-р Анџела Грубер, доц. д-р Кристина Димовска и проф. д-р Изаим Муртезани; од лево нагоре: проф. д-р Ермис Лафазановски и проф. д-р Катерина Петровска-Кузманова; видео презентација: м-р Лени Фрчкоска)
На 20.05. (петок) во хотелот „Кратис“, во градот Кратово, се одржапрвата научна работилница во проектот „Меморија и екокосмос“. Проектот е во организација на ЈНУ Институт за фолклор „Марко Цепенков“ – Скопје и е финансиски поддржан од Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија.
На работилницата свои излагања имаа учесниците и вработени во ЈНУ Институт за фолклор „Марко Цепенков“: проф. д-р Катерина Петровска-Кузманова, раководител на проектот; проф. д-р Ермис Лафазановски, директор на ЈНУ Институт за фолклор „Марко Цепенков“; проф. д-р Лидија Стојановиќ Лафазановска; проф. д-р Изаим Муртезани и доц. д-р Кристина Димовска, како и надворешните соработници во проектот: м-р Анџела Грубер и м-р Лени Фрчкоска.
На работилницата беа изложени различни теми кои го тангираат човекот и екокосмосот, односно односот на човекот кон природата, и беа претставени седум усни елаборации на неколку теми. Работилницата беше организирана во две работни сесии, и во првата работна сесија беа презентирани темите: „Самовилите – помеѓу слободата и угнетувањето“ на м-р Лени Фрчкоска; „Архетипските односи човек-природа“ на м-р Анџела Грубер; „Македонската епска песна како одраз на културната меморија: компаративно истражување на концептите на народната мудрост и на хронотопот во шест македонски епски песни и шест македонски народни приказни“ на доц. д-р Кристина Димовска и „Човек и екокосмос“ на проф. д-р Лидија Стојановиќ Лафазановска. Во втората сесија беа презентирани темите: „Трансцендентност еко баланс: грев и казна“ на проф. д-р Изаим Муртезани; „Заштита на светите дрва: етноботаничка имагинарна градина“ на проф. д-р Ермис Лафазановски и „Хидросферата во фолклорот и во современото општество“ на проф. д-р Катерина Петровска-Кузманова.
На работилницата се истакна дека претставените теми се само работни верзии на она што подоцна, со текот на истражувањето, ќе се претвори во сериозен научноистражувачки влог и придонес на учесниците во проектот во границите на темата и тие исто така дојдоа до констатацијата дека човекот како научник има морална задача не само да биде во тек со прогресивните фолклористички (и хуманистички) теории и идеи, туку и да ги примени заклучоците кои произлегуваат од ваквите проучувања и надвор од научната сфера.
Првата научна работилница, исто така, овозможи формално, но и неформално споделување на дилемите, проблемите и прашањата врзани за еколошката свест и самосвест, колку е таа вистински застапена и „практична“ во Република Северна Македонија, и што може да се преземе не само за нејзино зајакнување, туку и за нејзино практично применување во секојдневниот живот.